Тренинзи, натпревар, тренинзи…следи Диосѓер (ФОТО)
Работнички е веќе како ’дома’ во Анталија, се аклиматизира, но и веќе напорно ја одработува втората фаза од зимските подготовки. Тренерот Томислав Франц форсира силно темпо, но тоа е и очекувано во овој период од подготовките. Еден ден напорни тренинзи, веќе следниот – натпревар. Утре следи тестот против унгарскиот клуб Диосѓер.
„Работиме напорно, имаме одлични услови и сакаме максимално да ги искористиме. Акцентот е ставен на подобрување на физичките способности на фудбалерите, но веќе се работи и на воигрување на тимот. Сите фудбалери ќе добијат своја шанса да се наметнат и да изборат свое место во составот. Се надевам дека ќе не одбегнат повредите и низ пријателските натпревари ќе ја коваме формата и ќе ја ’моделираме’ играта за пролетниот дел од сезоната“, вели тренерот Томислав Франц.
Утре на програмата на нашиот тим е тестот против унгарскиот Диосѓер. Шефот на стручниот штаб вели дека резултатите не се приоритет, меѓутоа секако дека тие се и слика за моментната форма на тимот.
„Овие мечеви се можност да ја ’брусиме’ формата. Резултатите не се приоритет, но, секако дека победничкиот менталитет се гради уште од подготовките. Оттаму, јасно е дека сакам фудбалерите да го дадат максимумот на секој натпревар, дури и кога е од пријателски подготвителен карактер“, истакнува Франц.