Селекторот Ангеловски го следеше денешниот меч на Работнички
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, го следеше денешниот пријателски натпревар меѓу Работнички и Б-тимот на Волфсбург во Анталија. Работнички загуби со 2-1, но, сепак, прикажа допадлива игра, и голема борбеност на овој дуел.
Селекторот Ангеловски веќе неколку дена престојува во турската туристичка база и ги следи настапите на трите македонски клубови кои се наоѓаат на зимски подготовки, Работнички, Вардар и Шкендија. Во овие клубови има неколку потенцијални репрезентативци, па селекторот сака да има увид во нивната моментална форма, во пресрет на новите пријателски натпревари на националниот тим.
„Ги следам настапите на трите македонски клуба кои во моментов се наоѓаат на подготовки во Анталија. Задоволен сум од тоа што го видов и секој квалитетен фудбалер има можност да се наметне за настап во фудбалската репрезентација на Македонија“, изјави Ангеловски, кој токму од кормилото на Работнички се пресели на клупата на националната фудбалска селекција.