Потпишан едногодишен договор со Борче Маневски
ФК Работнички денеска и официјално го промовираше своето четврто засилување во зимскиот преоден рок, поранешниот македонски репрезентативец Борче Маневски кој повторно се враќа во добро познатата своја средина.
Маневски потпиша едногодишен договор со нашиот клуб до јануари 2017 година, засилувајќи ги напаѓачките редови на тимот на Томислав Франц.
„Огромно задоволство за мене претставува враќањето во Работнички, клуб со кој ме врзуваат исклучително позитивни моменти. Се чувствувам како да се враќам дома, во добра позната средина. Верувам дека ќе успеам да му помогнам на тимот да дојде до зацртаните цели во актуелнава сезона“ – истакна Маневски по потпишувањето на договорот.
30-годишниот Маневски од 2014 година настапуваше во дресот на Чаинат во првенството на Тајланд, каде се пресели токму од Работнички. Претходно, во својата кариера, има настапи и за Победа, Милано и Вардар во македонскиот шампионат, и полскиот прволигаш Горник Лечна.
Претходно Работнички се засили и со фудбалерот од средниот ред Бојан Најденов, како и со младите хрватски интернационалци Иван Галиќ и Марко Пушкариќ.