Франц: Во Работнички младите и понатаму ќе ја добиваат својата шанса
Работнички ги финишира зимските подготовки и полека се фокусира на пролетните искушенија кои започнуваат веќе следниот викенд, со дуелот против Младост Царев Двор. Тренерот Томислав Франц одлучи тимот да нема контролен натпревар по враќањето од Анталија, со оглед дека фудбалерите одиграа пет пријателски мечеви во Турција.
„Се ближи почетокот на пролетниот дел од првенството. Полека финишираме со подготовките и се насочуваме кон предизвиците што претстојат. Одработивме квалитетни подготовки, а сега ни останува да остраниме уште некои мали грешки пред самиот старт. Верувам дека ќе бидеме максимално подготвени до следниот викенд“, вели тренерот Франц.
Една од одликите на Работнички е и форсирањето на млади и талентирани фудбалери, а оваа стратегија ќе продолжи и понатаму.
„Во Работнички настојуваме да им ја дадеме неопходната шанса на младите фудбалери. Се разбира, нема делење ’на млади и на стари’, туку квалитетот е тој што секогаш одлучува. Но, јасно е дека на фудбалерите кои треба да се наметнат, некој треба и да им ја даде таквата шанса. Во Работнички таков е принципот на работа веќе подолг период и тоа функционира одлично, па нема причина нешто да менуваме. Се надевам дека сите што ќе добијат таква шанса и ќе ја оправдаат“, истакнува шефот на стручниот штаб.
Пред неколку дена посериозна повреда заработи Борче Маневски, кој се врати во клубот и требаше да биде соодветна замена за Баже Илијоски.
„Секако дека жалиме што Борче Маневски заработи скршеница на раката. Неговото искуство ќе ни биде добредојдено, но, ете, за жал ќе го немаме на самиот старт од пролетниот дел. Најважно е тој да се опорави и да заздрави од повредата, а потоа ќе размислуваме за неговите настапи. Тука е и Бојан Марковски, кој исто така е искусен фудбалер што значајно ќе ја засили одбраната, а сите ќе ја добијат својата шанса да се наметнат“, заврши Томислав Франц.