Цикарски: На победа против Младост ЦД, да ја посветиме на Борче Маневски
Работнички на премиерата од пролетниот дел од сезоната ќе го пречека Младост Царев Двор, в сабота, со почеток во 14 часот, на комплексот на ФФМ. Мите Цикарски вели дека тимот е максимално мотивиран да стартува со успех, и триумфот да му го посвети на повредениот Борче Маневски, кој несреќно ја скрши раката на тренинг.
„Почнува пролетта, и ние сме максимално мотивирани и подготвени. Нема да биде лесно, затоа што овие први мечеви по долгата пауза секогаш носат и некој одреден грч за нас фудбалерите, но ќе се потрудиме да оставиме добар впечаток, и, секако, да оствариме триумф. Победата сакаме да му ја посветиме на Борче Маневски, кој посериозно се повреди и сигурно ќе ни недостига во овие први неколку кола“, вели Мите Цикарски.
Работнички има неколку значајни промени, и на тренерската клупа, но и во тимот, во однос на есенскиот дел од шампионатот. Тоа, според Цикарски, сепак, нема многу да се почувствува на теренот.
„Има одредени промени, имаме и нов тренер, но всушност Томислав Франц е долго во клубот и ние не го чувствуваме на таков начин. Верувам дека и новите фудбалери добро ќе се вклопат во концепцијата и дека ќе бидеме оние вистинските уште на стартот, против Младост Царев Двор. За противникот не размислуваме, иако го респектираме, но, сепак, фокусирани сме на нашето издание. Ако одиграме на потребното ниво, мислам дека ќе успееме да освоиме три бода“, истакнува левиот бек.