Илиевски: Се надевам дека повредата не е многу сериозна
Работнички оствари победа на стартот од пролетната полуетапа, го совлада Младост Царев Двор со 2-1, но ’жртвата’ ќе биде можеби и преголема доколку капитенот Милан Илиевски, кој се повреди во текот на овој меч, го загубиме на подолг временски период. За среќа, според првичните лекарски проценки, тоа нема да се случи.
„Почувствував болка во мускулот и веднаш ја напуштив играта. Но, за среќа, не се работи за сериозна повреда. Нема кинење на мускулни влакна, туку само мало истегнување и веќе од денеска почнав со потребната терапија за опоравување. Се надевам дека брзо ќе се опоравам и дека ќе се вратам во тимот веќе на следните натпревари“, вели капитенот Милан Илиевски.
На победата не и се гледа во заби, а Илиевски смета дека Работнички во првиот дел одигра навистина квалитетно против Младост Царев Двор, додека во второто полувреме му дозволи на противникот да создаде неколку шанси пред голот на Божиновски.
„Мечот го отворивме одлично, имавме порполна контрола, диктиравме темпо. Постигнавме и погодок, потоа и вториот, поведовме со 2-0, но потоа како да дојде до мало олабавување. Тоа не смееме да си го дозволиме на идните натпревари. Му дозволивме на Младост Царев Двор да создаде неколку шанси, но само затоа што ја испуштивме контролата над играта. Сигурно ќе бидат извлечени поуки од ваквата наша игра во второто полувреме“, истакнува капитенот Илиевски.