И втора пролетна победа: Падна и Металург во Маџари (ФОТО)
Работнички ја запиша и втората победа во вториот пролетен натпревар од шампионатот, славејќи на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари со 1-2 против Металург, во рамките на 20. коло од ПМФЛ.
Нашиот тим дојде до водство уште во првата посериозна акција на средбата. Во 2. минута, Јовановски одлично продре и нафрли од левата страна, а од домашниот шеснаесетник Ристовски прецизно стрелаше за 0-1.
Уште една можност потоа во 10. минута имаше Ристовски, но откако не ја искористивме, следеше казната на Металург, кој израмни по еден брз контра напад со голот на Влатко Стојановски во 15. минута.
Работнички продолжи со доминацијата, и покрај израмнувањето на домашните фудбалери. Најголемата шанса од првиот дел беше во 25. минута кога Виктор Стојковски го спасуваше Металург од самата гол линија. Цикарски нафрли од лево, го проигра убаво Сахити кој шутираше од околу 15 метри, но Стојковски спречи нова предност за „романтичарите“.
Активната игра на фудбалерите на Томислав Франц продолжи и во второто полувреме. Сето тоа резултираше со пенал, по играњето со рака на Кривањева во својот шеснаесетник. Успешен реализатор од белата точка во 56. минута беше Бојан Најденов кој го постигна својот прв гол во дресот на нашиот клуб.
Притоа, поради играњето со рака, Кривањева го заработи и вториот жолт картон за исклучување, по што Работнички доби играчка надмоќност на теренот. Но, само за кратко, бидејќи во 68. минута Мите Цикарски заработи директен црвен картон поради удирање со лакт на Кореница.
Во продолжението, осамнаа уште неколку извонредни шанси на „романтичарите“ и за убедлив триумф, од кои секако се издвојуваа и шансата во 89. минута на нововлезениот Гајиќ кој, по проигрувањето од Херера, од пет метри промаши од ситуација од која невозможно беше да се утне.
Како и да е, најважното, освојувањето на трите бода од овој дуел, на крајот беше реализирано со уште една победа од 2-1.
ПРВА ЛИГА – 20. КОЛО
МЕТАЛУРГ – РАБОТНИЧКИ 1-2 (1-1)
Стадион „Борис Трајковски“ во Маџари. Гледачи: 300. Главен судија: Фатон Мустави (Тетово). Помошници: Стојановски и Ширилов (Скопје). Делегат: Бернард Симонов (Штип). Стрелци: Стојановски 15 мин. (М); Ристовски 2 мин., Најденов 56 мин.(п) (Р). Ж. картони: Кривањева, Лескароски, Асани, Крстев, Наумоски (М). Црвен картон: Кривањева 55 мин. (М); Цикарски 68 мин. (Р).
МЕТАЛУРГ: Илиќ, Стојковски, Каранфиловски, Лескароски, Асани, Стојановски, Шопоски, Наумоски, Кореница, Кривањева, Митрев
РАБОТНИЧКИ: Божиновски, Силјановски, Илиевски, Марковски, Цикарски, Херера, Петровиќ, Јовановски (90’ Најдовски), Најденов, Сахити (86’ Елмаз), Ристовски (79’ Галиќ)