Франц: Ни недостигаше завршен удар
Работнички ремизираше без голови против Ренова на арената „“Филип Втори“, што е втор нерешен резултат во серија за нашиот тим оваа пролет. Тренерот Томислав Франц е задоволен од ангажманот и залагањето на фудбалерите, меѓутоа го истакнува и очигледниот проблем во играта. На дуелот со Ренова недостигаше завршниот удар, поголема агресивност кон противничкиот гол.
„Кога нема да победиме, секогаш очекуваме да биде подобро. Одигравме без голови против Ренова и што се однесува до ангажманот, немам никакви замерки кон тимот. Фудбалерите беа максимално ангажирани, имаа желба, се залагаа на теренот. Но, ни недостигаше завршниот удар. Во неколку ситуации можевме да реагираме подобро и со едно поубедливо додавање или поконкретен удар кон противничкиот удар да постигнеме гол“, анализира Томислав Франц.
Работнички и понатаму има кадровски проблеми со повредени фудбалери, и тоа токму офанзивците, а нивното отсуство беше забележливо на мечот со Ренова.
„Борче Маневски е вон стројот од стартот на пролетта, знаете, поради скршеница на раката, но полека се опоравува и го очекуваме брзо да се приклучи во работата со тимот. На повреди се жалат и Кире Маркоски и Емир Сахити, и сигурно дека со нив екипата ќе добие многу поинаков напаѓачки потенцијал. Се надевам дека ќе ги надминат повредите и дека ќе се приклучат на тренинзите во наредниот период“, истакнува шефот на стручниот штаб.