Петровиќ: Кратово не се освојува лесно, но таква е нашата намера
Работнички утре (14 часот) гостува во Кратово и ќе ги одмери силите со Силекс, во рамките на 23.коло од Првата фудбалска лига на Македонија. По двете ремија во низа, избраниците на Томислав Франц се надеваат дека ќе остварат успех и дека ќе ги освојат трите бода, иако тимот се уште не е комплетен поради повредите на дел од фудбалерите.
Еден од оние кои секогаш се подготвени за борба е Милован Петровиќ, играчот за врска и повремен репрезентативец.
„Не очекува тежок натпревар со Силекс. Кратово не се освојува лесно, така било отсекогаш. А оваа сезона Силекс е навистина квалитетен тим и тоа го покажува со своит досегашни резултати во шампионатот. Но, ние по двете ремија во низа посакуваме да се вратиме на победничките патеки. Како и секогаш, ќе го дадеме својот максимум и се надевам на поволен епилог за нас“, вели Петровиќ.
Во пресрет на утрешниот меч, Работнички се наоѓа на петтата позиција на табелата со 32 бода, еден помалку од Силекс, кој е четвртопласиран тим.