Илиевски: Дербито со Вардар секогаш буди максимални мотиви
Работнички по поразот од Шкендија (0-1) нема многу време за анализи, со оглед дека веќе в среда (18 часот) за избраниците на Томислав Франц следи нов дерби дуел, против Вардар. Капитенот Милан Илиевски вели дека дерби-мечевите со Вардар секогаш будат максимална мотивација, надевајќи се дека тимот ќе прикаже добра игра и ќе оствари позитивен резултат.
„Првенството влегува во засилен ритам и по дуелот со Шкендија сега не очекува ново дерби против Вардар. Едноставно мора да се прилагодиме и да го дадеме својот максимум, како и на претходниот меч. Против Шкендија одигравме максимално борбено, примивме гол по едно наше невнимание, но потоа се обидовме со сите сили да стигнеме до израмнување. За жал, не успеавме и тој меч треба да го оставиме зад нас. В среда не очекува нов голем предизвик, дуелот против Вардар, и се надевам дека ќе прикажеме добра игра“, вели Милан Илиевски.
Капитенот смета дека играта на Работнички оди во нагорна линија, и покрај поразот на последниот меч со Шкендија.
„Не освоивме бодови против Шкендија, но забележлив е напредок во играта што ја прикажавме. Имавме максимална желба и само со таков пристап можеме да се надеваме на успех на наредните натпревари. Верувам дека можеме да оствариме поволен резултат и на дербито со Вардар, како и на следните првенствени искушенија“, истакнува Илиевски.