Минимален пораз од Вардар
Работнички загуби од Вардар со 1-0 во дерби-дуелот од 25.коло во Првата фудбалска лига на Македонија. Речиси идентично како и на претходниот меч со Шкендија, едно невнимание и грешка во одбраната беше кобна за нашиот тим. Во 16.минута, Дамир Којашeвиќ успеа да ја погоди мрежата на Шишковски од непосредна близина, откако беше проигран од десната страна од Хамбарџумјан.
Леон Најдовски прв се закани во шестата минута со удар со глава, но не беше прецизен. А потоа Вардар од првата своја посериозна акција дојде до предност.
Во првиот дел, Фелипе се закани два пати со удар од далечина, но не беше прецизен, а на спротивната страна обид имаше Алтипармаковски.
Во второто полувреме, Работнички со сите сили тргна по израмнување. Во 77.минута, Силјановски го испроба својот шут од 30 метри, но не беше прецизен. Најизгледната можност повторно ја имаше тој, само две минути подоцна.
Силјановски зафати волеј удар од 20 метри, речиси го совлада Пачовски, но топката го погоди само дирекот од голот на Вардар. До крајот, за жал, резултатот не се промени, па Вардар славеше со минимален резултат, 1-0.
ВАРДАР – РАБОТНИЧКИ 1-0 (1-0)
Арена Филип Втори. Гледачи: 1.000. Судија: Димитар Мечкаровски (Скопје). Стрелец: Којашевиќ 16’ (Вардар). Ж. картони: Глигоров, Грнчаров, Фелипе (Вардар), Најдовски, Петровиќ (Работнички).
ВАРДАР: Пачовски, Хамбарџумјан, Грнчаров, Новак, Попов, Глигоров, Николов, Дашјан (71’ Петковски), Фелипе, Којашевиќ (55’ Глишиќ), Черан (79’ Ивановски).
РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Силјановски, Илиевски, Најдовски, Б. Маркоски (60’ К. Маркоски), Цикарски, Трајчевски, Петровиќ, Јованоски (69’ Елмас), Херера (85’ Ристовски), Алтипармаковски.