Пораз од Шкендија во Тетово
Работнички загуби со 3-1 од Шкендија во Тетово на првиот натпревар од плејоф разигрувањето во Првата македонска фудбалска лига.
Шкендија брзо поведе со погодокот на Бразилецот Жуниор уште во 3. минута. По нафрлањето од корнер на Ибраими од десната страна, на вториот дирек се најде Жуниор, кој со глава ја затресе мрежата на Шишковски.
Но, по ова водство на домашните, Работнички почна да игра далеку подобро, со постојан атак кон противничкиот гол. Неколку обиди следеа на Алтипармаковски и Трајчевски, но мрежата на домашните остана нечепната.
Во второто полувреме, Шкендија стартуваше далеку поактивно. Две убави можности имаа домашните преку Алими и Демири, но голманот Шишковски одлично интервенираше. Сепак, во 53. минута Шишковски не успеа да спречи водство од 2-0 на Шкендија, по сомнително досудениот пенал за домашните, по дуелот меѓу Трајчевски и Ибраими. Сигурен реализатор од белата точка беше Ибраими.
Во 55. минута од натпреварот Горан Силјановски, крајно неоправдано доби директен црвен картон. По меѓусебен „судир“ со Жуниор, Силјановски единствено доби исклучување од главниот судија Александар Ставрев.
Но, тоа што се продолжи со играч помалку, не влијаше на играта на „романтичарите“. Напротив со прекрасниот гол на Бојан Најденов во 63. минута се стигна до намалување на резултатот, а желбата за израмнување потоа беше се понагласена. Во 77. минута и Милан Илиевски се обиде од слободен удар од 18 метри, но за малку над гредата од голот на тетовци.
Офанзивата на нашиот тим, на крајот, отвори можност за контранапади на домашните, па по еден таков, Арменд Алими ги постави конечните 3-1 за Шкендија.
МАНЕВСКИ ЗА ПРВПАТ ПРОЛЕТВА НА ТЕРЕН
За првпат во пролетниот дел од сезоната за Работнички настапи и Борче Маневски, кој го засили тимот во зимскиот преоден рок. Маневски, поради повреда за време на подготвителниот период, пропушти 45 дена од пролетната сезона, а денеска во Тетово влезе во игра во 82. минута од натпреварот на местото на Елиф Елмаз.
ПМФЛ – 28. КОЛО (1. КОЛО ОД ПЛЕЈОФ)
ШКЕНДИЈА – РАБОТНИЧКИ 3-1 (1-0)
Градски стадион во Тетово. Гледачи: 7.000. Главен судија: Александар Ставрев. Делегат: Џевдат Далипи (Кичево). Стрелци: Жуниор 3 мин., Ибраими 58 мин.(п), Алими 85 мин. (Ш); Најденов 63 мин. (Р). Ж. картони: Жуниор, Радески, Положани (Ш); Најденов (Р). Црвен Картон: Силјановски 55 мин. (Р).
ШКЕНДИЈА: Захов, Мерајиќ, Цуцули, Бејтулаи, Тодоровски, Алими, Демири, Вујчиќ, Радески, Жуниор, Ибраими
РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Илиевски, Силјановски, Најдовски, Цикарски, Елмаз (82’ Маневски), Трајчевски, Петровиќ, Галиќ (75’ Јовановски), Алтипармаковски (Ристовски 88’)