Маневски: Прекрасно е чувството на теренот, Силекс утре мора да падне
Напаѓачот Борче Маневски ја надмина повредата на раката и конечно се врати на теренот, играјќи ги последните неколку минути од првенствениот натпревар против Шкендија (3-1) во Тетово. Неговото искуство и квалитетот што го поседува секако ќе бидат од непроценливо значење за Работнички во финишот од сезоната, во борбата за излез на европската сцена во шампионатот, но и во финалето на националниот Куп.
„Прекрасно е чувството да се вратиш на теренот. Отсуствував долго поради скршеницата на раката, но сега е тоа зад мене и ќе сторам се за да му помогнам на тимот да ги оствари целите на крајот од сезоната. Мислам дека се враќам во вистински момент, кога се решаваат многу работи, а Работнички брка излез во Европа, како и одбрана на трофејот во Купот“, вели Борче Маневски.
Утре (16 часот) нашиот тим ќе го пречека Силекс на стадионот во Ѓорче Петров. Маневски посакува триумф.
„Дуелот со Силекс е можеби и решавачкиот за нас, за излез на европската сцена. Посакуваме победа, трите бода ни се неопходни, и ќе се потрудиме да ги освоиме. Силекс секако заслужува респект, тоа е квалитетна екипа која оваа сезона покажа дека умее да одигра одлично, го покажува тоа и позицијата на табелата. Кратовци се третопласирани, но, уште еднаш ќе истакнам, ние ги посакуваме трите бода“, потенцира искусниот напаѓач.