Илиевски: Да испишеме историја
Работнички е подготвен за новото финале во Купот на Македонија, и посакува и третпат последователно да го освои пехарот во најмасовното фудбалско натпреварување. Тоа досега не му успеало на ниту еден македонски клуб, а капитенот Милан Илиевски верува дека тој и соиграчите ќе можат да ја испишат историјата.
„Досега на ниту еден тим во Македонија не му успеало три пати по ред да го освои пехарот во Купот на Македонија. Тоа е наш голем мотив, сакаме да испишеме историја. Имавме прекрасно лето со настапите во квалификациите за Лигата на Европа, потоа имавме и пад во формата на почетокот на шампионатот, добивавме и критики, но, издржавме и повторно сме дел од големото финале. Ќе дадеме се од себе за да стигнеме до нов успех, иако максимално ги респектираме и квалитетите на Шкендија“, изјави Милан Илиевски на денешната прес – конференција на арената „Филип Втори“.
Финалето на Купот на Македонија ќе се одигра в понеделник (16 мај) на националната арена „Филип Втори“ во Скопје, со почеток во 20 часот. Симпатизерите на Работнички ќе можат да купат билети за блоковите 1 и 2 на Јужната трибина.