Илиевски: Бевме рамноправен противник, одигравме квалитетно финале
Капитенот на нашиот тим, Милан Илиевски ден по големото финале во Купот на Македонија, е свесен дека со играта против Шкендија, Работнички и заслужи и поинаков резултат на крајот. Но, среќата, овој пат, беше на страната на противникот кој стигна до триумф од 2-0…
„Одигравме квалитетен финален натпревар, и сите наши играчи треба да бидат горди на тоа. Но, таков е фудбалот, и поразите се негов составен дел“ – вели Илиевски.
Дефанзивецот потенцира дека одигран е натпревар кој ја задоволи публиката на „Филип Втори“.
„Искрено, се надевам дека публиката е задоволна бидејќи навистина беше тоа квалитетен натпревар со бројни шанси на двете страни. Лошо почнавме и примивме наивен гол, проблем што често ни се повторува. На крајот и немавме среќа, како би дошле до посакуваното израмнување. Во секој случај, честитки за Шкендија, која е една навистина квалитетна екипа, за освоениот трофеј“ – коментира Илиевски.