Филип Наумчевски нов фудбалер на Работнички
Работнички го ангажира првото засилување за следната натпреварувачка сезона, за настапите во квалификациите за Лигата на Европа, како и во домашните натпреварувања. Нов играч на нашиот клуб е Филип Наумчевски, 23-годишниот офанзивен играч за врска, кој потпиша двегодишен договор.
„Сезоната тукушто заврши, но Работнички веќе интензивно работи на ангажман на нови засилувања за следната сезона. Го ангажиравме Филип Наумчевски, кој потпиша двегодишен договор со клубот, а во наредниот период сигурно ќе следат уште неколку засилувања за тимот, пред настапите на европската сцена“, вели спортскиот директор Иван Поповски.
Филип Наумчевски е 23-годишен фудбалер, кој во изминатите три сезони настапуваше како интернационалец во Грција и во Хрватска, а претходно беше член на Хоризонт Турново. Потекнува од школата на Цементарница. Изминатава сезона беше член на хрватскиот второлигаш Рудеш, а претходно играше и за Пансераикос и за Егиниакос во Грција.