Трајчевски: Нека биде вака успешно и на мечевите во Европа
Работнички го заокружи летните подготовки во Словенија со три победи на пријателските натпревари. Нашиот тим успеа да ги совлада АСК Браво (2-1), НК Загреб (3-1) и Омонија (2-0) и со максимален резултатски ефект го реализираше овие три теста. Покрај тоа, максимално е реализиран и планот на тренерот Томислав Франц за подобрување на физичката подготвеност и за воигрување на тимот.
Новиот капитен Душко Трајчевски е задоволен од досегашниот тек од подготовките, трите победи на тест – мечевите, како и воигрувањето на тимот, со оглед дека има неколку нови фудбалери кои дојдоа ова лето. Но, се надева дека ист таков ефект кога се победите во прашање, Работнички ќе задржи и на мечевите од квалификациите за Лигата на Европа кои ќе претстојат.
„Веќе трета година Работнички летните подготовки ги реализира во Терме Чатеж во Словенија. Таму има одлични услови за тренинг и за рекуперација, трениравме по два пати дневно, имавме и три контролни натпревари и задоволни сме поради победите. Иако во преден план беше воигрувањето на екипата, сепак, победите се значајни за самодовербата. Но, искрено, сите посакуваме вака успешни да бидеме и на мечевите од Лигата на Европа кои ќе ни претстојат. Имаме неколку нови играчи, полека сите се вклопуваат и го прифаќаат системот на работа во Работнички“, вели Душко Трајчевски, кој ќе ја носи капитенската лента во претстојната сезона.