Франц: Будуќност е стара југословенска школа, квалитетен ривал, но ние сакаме пласман понатаму
Работнички го доби црногорскиот клуб Будуќност за противник во првото квалификациско коло од Лигата на Европа. Според ждребот, првиот меч треба да се игра во Скопје, а реваншот во Подгорица. Тренерот Томислав Франц вели дека се работи за клуб со голема традиција, но, сепак, размислува позитивно во пресрет на двомечот.
„Нема лесни ривали во Европа, тоа е јасно. Будуќност е синоним за традицијата што ја има црногорскиот фудбал, сигурно најпознат клуб од оваа земја, стара југословенска школа, и несомнено поседува квалитет. Ќе добиеме информации за тимот на Будуќност во наредните денови, ќе ги анализираме и добро ќе се подготвиме за европските искушенија што не очекуваат. Посакуваме пласман во следната рунда, но ќе треба да го заслужиме“, вели тренерот Томислав Франц.