Хрватот Лука Томас е последното засилување за Лигата на Европа
Хрватскиот интернационалец Лука Томас е последното засилување за Работнички за настапот во квалификациите од Лигата на Европа ова лето. „Романтичарите“ денеска официјализираа двегодишна соработка со 24-годишниот фудбалер, кој ќе ја засили дефанзивната линија на тимот.
„Со овој договор го затвораме списокот на засилувања за првото квалификациско коло од Лигата на Европа и дуелите со црногорскиот Будуќност. Ни беше неопходно засилување на централната дефанзивна позиција, па со ангажманот на Томас го заокружуваме и тој дел од тимот“ – вели спортскиот директор на Работнички, Иван Поповски.
Томас, покрај на централната дефанзивна позиција, може да игра и на страничните одбранбени позиции. Претходно во својата кариера има настапи за хрватските Сплит и Имотски, босанскиот прволигаш Зрињски, а во периодот од 2012 до 2014 година бил дел и од калчолигашот Киево.
Работнички, првиот натпревар од 1. квалификациско коло за ЛЕ против Будуќност ќе го игра на 28. јуни од 18 часот на националната арена „Филип Втори“ во Скопје. Реваншот е на 7. јули во Подгорица.