Трајчевски: Сакаме победа без примен гол
Фудбалерот од средниот ред на „романтичарите“, Душко Трајчевски, потенцирајќи дека за него е огромна чест што со капитенската лента ќе го поведе својот тим на европската сцена ова лето, вели дека постои голем мотив кај секој поединец да се стигне до триумфот на утрешниот прв натпревар против црногорскиот Будуќност.
„Голема чест е да се биде капитен на Работнички. И од тој агол погледнато, ќе дадам се од себе заедно со соиграчите да одиграме квалитетно на утрешниот натпревар. Би биле задоволни со било каква победа, но најдобро е да завршиме без примен гол во Скопје. Го скениравме Будуќност кој игра типичен балкански фудбал, сака да ја чува топката во нозе но и да бара дуел игра. Сепак верувам во пласман понатаму, се разбира со наш максимален ангажман во текот на сите 90 минути“ – вели Трајчевски.
Натпреварот меѓу Работнички и Будуќност од 1. квалификациско коло во Лигата на Европа се игра утре со почеток од 18 часот на националната арена „Филип Втори“ во Скопје.