Трајчевски: Работнички може многу подобро, ќе покажеме на реваншот
Работнички не обезбеди предност (1-1) на првиот натпревар против Будуќност, во рамките на првото квалификациско коло од Лигата на Европа. Нашиот тим сега ќе мора тоа да го надомести на реваншот кој ќе се игра на 7 јули во Подгорица.
Црногорскиот тим постигна погодок речиси од неизградена акција, додека на спротивната страна избраниците на тренерот Томислав Франц создадоа голем број шанси, но исто така постигнаа само еден гол.
„Работнички може многу подобро. Не одигравме според нашите желби и очекувања на првиот меч против Будуќност. Имавме бавно темпо на стартот од натпреварот, а потоа примивме погодок, кој не ’пресече’. Но, во вториот дел сепак успеавме да го подигнеме нивото на нашата игра и да создадеме неколку убави шанси пред противничкиот гол. Немаше концентрација во завршницата, реализиравме само еднаш и сега ќе мораме да одиме на победа во Подгорица. Но, веруваме дека сме подобар тим од Будуќност и дека ќе успееме да славиме во реваншот. Ги увидовме и добрите, но и слабите страни и на противникот, и сега знаеме што ќе не очекува на вториот меч. Сигурен сум дека се уште имаме големи шанси за пласман во втората рунда од квалификациите за Лигата на Европа“, вели капитенот Душко Трајчевски.