Најденов: Веруваме во триумф на реваншот
Работнички одигра 1-1 на првиот меч со Будуќност во Скопје, но нашите фудбалери веруваат дека ќе успеат да го елиминираат противникот на реваншот во Подгорица и ќе се пласираат во второто квалификациско коло од Лигата на Европа, каде чека белгискиот Генк. Потребен е погодок, а Бојан Најденов е уверен дека Работнички ќе го постигне, доколку ја повтори играта од второто полувреме на првата средба.
„Лошо го стартувавме првиот натпревар, можеби и малку импресионирани поради настапот во Европа. Примивме и погодок што не го заслуживме, но потоа почнавме да играме според очекувањата и нашите квалитети. Верувам дека во таков стил ќе продолжиме и во Подгорица, но и дека значително ќе ја подобриме реализацијата на шансите. Создадовме неколку убави можности во вториот дел, но постигнавме само еден гол“, вели Најденов.
Работнички ќе отпатува во Подгорица со јасна намера да наметне своја игра.
„Сега ги знаеме многу подетално добрите и лошите страни на противникот. И мислам дека имаме игра со која можеме да стигнеме до триумф“, порачува „десетката“ на Работнички.