Франц: Будуќност е квалитетен тим, но Работнички сака во второто коло
Работнички пристигна во Подгорица, каде вечерва го одржува официјалниот тренинг на Градскиот стадион, со амбиции утре да одигра квалитетен меч и да обезбеди пласман во следната квалификациска рунда од Лигата на Европа.
По првиот дуел во Скопје, резултатот гласи 1-1. Тренерот Томислав Франц одржа прес – конференција пред тренингот и напомена дека Будуќност е квалитетен тим, но дека очекува Работнички да се пласира во наредното коло, каде противник ќе биде белгискиот Генк.
„Одигравме 1-1 во Скопје, но претстојат уште 90 минути во Подгорица кои ќе бидат решавачки. Ние дојдовме да постигнеме најмалку еден гол и да оствариме триумф, со кој би се пласирале во следната рунда од Лигата на Европа. И да беше 0-0 на првиот натпревар, повторно ќе ни беше потребен гол за пласман понатаму. Будуќност е квалитетен тим, но мислам дека имаме капацитет да славиме на гости и да обезбедиме пласман понатаму. Ќе играме офанзивно, со надеж дека ќе ги искористиме шансите што ќе ги создадеме. Реализацијата е наша стара болка уште од минатата сезона, но посакувам да ја подобриме и да бидеме ефикасни токму на утрешниот меч. Имаме проблеми со повредата на Кире Маркоски, во денешниот свет на интернет не можат да се сокријат многу работи, а ние секогаш играме со отворени карти“ – изјави Томислав Франц.
Натпреварот меѓу Будуќност и Работнички ќе се одигра утревечер, со почеток од 19 часот, на Градскиот стадион во Подгорица.