Франц: Момците го дадоа максимумот, со играч помалку не беше лесно
Работнички загуби со 1-0 на гостувањето во Подгорица и елиминиран е со вкупен резултат 2-1 од Будуќност во првото квалификациско коло од Лигата на Европа. Тренерот Томислав Франц им честиташе на противниците, а на прес – конференцијата истакна дека исклучениот фудбалер и пеналот што беше направен речиси на самиот старт од мечот, беа решавачки за конечниот исход.
„Им честитам на момците и не можам да им замерам и покрај тоа што сме елиминирани. Го дадоа максимумот, сепак, не е лесно да се игра со играч помалку на теренот речиси цел меч. Будуќност постигна гол од пенал и поведе, останавме со еден фудбалер помалку, а потоа се боревме и баравме израмнување. Не успеавме во тоа, за жал. Мора да истакнам дека на полувремето направив и принудна замена, Горан Силјановски играше со зголемена телесна температура во првиот дел, а потоа морав да го повлечам“, изјави Томислав Франц на прес – конференцијата по натпреварот.