Треневски: Чест, но и голема одговорност, е да се предводи тим како Работнички
Виктор Треневски денеска во просториите на ФК Работнички, во Градскиот парк, официјално е промовиран како нов шеф на стручниот штаб на „романтичарите“.
Треневски, веднаш по промоцијата, искажа огромно задоволство што ќе биде предводник на еден од најреномираните клубови во Македонија, потенцирајќи ја и одговорноста за него да се биде на чело на тимот кој секогаш се стреми кон највисоките цели…
„По оној период кога дел од мојата играчка кариера ја минав во Македoнија, сега добивам шанса да бидам тренер на голем клуб како Работнички. Тоа за мене е голема чест, но и одговорност. Подготвен сум да продолжам со макотрпна работа за да ги оствариме целите и амбициите на клубот. Работнички е тим со одлична клупска атмосфера, тим со млади фудбалери кои се надевам ќе бидат добар темел за идните наши успеси“ – вели Треневски.
Задоволство од идната соработка истакнува и спортскиот директор на Работнички, Иван Поповски.
„Добро е што големо фудбалско име доаѓа во нашите редови. Сигурно ќе биде од огромно значење за соодветна мобилизација во тимот пред новата сезона, но и водач кон нови успешни изданија на домашната сцена“ – рече Иван Поповски.