Силјановски: Иако сме во транзиција, ќе бидеме подготвени за стартот од сезоната
Работнички во првото коло од новото првенство на Македонија ќе му гостува на новиот прволигаш, Македонија ЃП. До тој натпревар остануваат уште девет дена, а тренерот Виктор Треневски и неговите фудбалери ги очекува уште многу работа, за глазура на формата, но и за дооформување на тимот за претстојната сезона. Сепак, Горан Силјановски, еден од оние со најголем „стаж“ како првотимец во изминатиот период, верува дека Работнички ќе биде подготвен за стартот на првенствените искушенија.
„Се наоѓаме во период на транзиција, тоа е јасно. Од неодамна шеф на стручниот штаб е Виктор Треневски и тој си донесе свои работни навики и замисли за нашиот тим, што секако очекува да бидат спроведени. Работиме напорно, и се трудиме максимално да одговориме на неговите барања. Од друга страна, тимот се уште се комплетира и повеќе од очигледно е дека недостига најмалку еден квалитетен напаѓач. Верувам дека раководството работи на тој план и дека ќе успее да доведе еден успешен реализатор, позиција каде сме „најтенки“ во моментов“, истакнува Горан Силјановски.
Во првото коло, нашиот тим ќе гостува во Ѓорче Петров и ќе ги одмери силите со Македонија ЃП.
„Верувам дека ќе бидеме подготени за стартот на сезоната. Го користиме секој тренинг за подобра подготовка, а со Македонија ЃП одигравме и пријателски натпревар (2-2), уште пред да биде познато дека ќе бидеме ривали и во првото коло. Сега подобро ги познаваме и нивните квалитети. Полека, но сигурно, ќе влеземе во потребниот ритам и сигурен сум дека и во новата сезона Работнички ќе игра видна улога и ќе има исти амбиции – излез на европската сцена“, посочува десниот бек.