Шишковски: Посакуваме триумф во Ѓорче Петров
Работнички утре (17.30 часот) на стадионот во Ѓорче Петров ќе го одигра премиерниот натпревар од новата сезона во Првата лига, гостувајќи му на новиот прволигаш Македонија ЃП. Нашиот тим со оптимизам влегува во овој дуел, надевајќи се дека ќе ги освои трите бода. Голманот Дамјан Шишковски верува дека квалитетот и искуството се на страна на Работнички и тоа треба да биде пресудно.
„Изминативе дваесетина денови, по елиминацијата од Будуќност во квалификациите на Лигата на Европа ги посветивме што е можно подобро да се подготвиме за утрешната премиера. Добивме нов шеф на стручниот штаб во Виктор Треневски и мислам дека одработивме одлично во изминатиот период. Утре во Ѓорче Петров ќе треба да покажеме всушност колку добро се работело, да го дадеме својот максимум во напорите да освоиме три бода на стартот од новата сезона“, вели голманот Шишковски.
Македонија ЃП е повратник во Првата лига, а Ѓорче Петров секогаш е незгоден терен за ривалите.
„Игравме пријателски натпревар со Македонија ЃП ова лето во текот на подготовките и покажаа дека се работи за квалитетен тим, составен пред се од млади фудбалери. Сигурно дека ќе сакаат да се наметнат на стартот. Но, ние веруваме дека квалитетот и искуството се на наша страна и одиме на победа. Важно е што нема повредени фудбалери, па на теренот ќе истрчаме во најдобар состав“, истакнува Шишковски.