Ивановски: Дојдов во стабилен клуб, да му помогнам на овој млад тим
Работнички утре (17.30 часот) му гостува на Шкупи на Чаир, и посакува да продолжи позитивниот тренд што избраниците на Виктор Треневски го наметнаа уште од стартот, совладувајќи ја во првото коло Македонија ЃП со убедливи 0-4. Второ коло и второ гостување, но новиот напаѓач Филип Ивановски верува дека тимот може и до нов успех.
„Имавме одличен старт, а се надеваме дека во ист стил ќе продолжиме и против Шкупи. Секако, свесни сме дека не очекува мошне тежок натпревар“, вели Филип Ивановски.
Тој веќе се „одомаќини“ во Работнички, иако пристигна непосредно пред стартот на сезоната.
„Дојдов во стабилен клуб, но и млад и талентиран тим, со многу перспективни играчи. Може веднаш да се почувствува позитивната атмосфера во таборот на Работнички. Се надевам дека ќе направиме добри резултати, и на крајот од сезоната ќе го оствариме планираниот успех. Проблем ми е што подолго време бев без клуб, и подоцна се приклучив на Работнички, но со напорна работа ќе го надоместам загубеното време, и ќе влезам во голгетерска форма“, порачува новиот напаѓач на Работнички.