Елмас: Сакаме три бода и против Ренова
Работнички на успешен начин ја стартуваше новата сезона на домашната фудбалска сцена. Две победи на гости против Македонија (0-4) и против Шкупи (0-1) на гости во Првата фудбалска лига, како и убедлив триумф (1-6) во Купот против нисколигашот Чаклани. Но, искушенијата продолжуваат, викендов на програмата е третото коло, а Работнички в недела (16.30 часот) на арената „Филип Втори“ ќе ја пречека Ренова.
Младинскиот репрезентативец Елиф Елмас блесна на првите мечеви во составот на Виктор Треневски, а посакува неговата добра форма, но и на целиот тим, да продолжи и на претстојниот дуел со Ренова.
„Ги сакаме трите бода и против Ренова. За првпат ќе играме на домашен терен и посакуваме нов триумф. Веруваме во нашите квалитети и се надеваме на ново добро издание. Лично сум задоволен од моите настапи на стартот од шампионатот, благодарен сум на тренерот Виктор Треневски што ми укажува доверба и ќе се трудам и понатаму да враќам со максимална пожртвуваност на теренот“, вели Елиф Елмас.