Лекција за Силекс и нова „романтична радост“
Работнички во петтото коло ја забележа четвртата победа во новата сезона, откако нашите фудбалери попладнево триумфираа над составот на Силекс со резултат 3-1. Иако станува збор за дуел со директен ривал во битката за излез во Европа, избраниците на тренерот Треневски доминираа во речиси целиот натпревар и не им дозволија на гостите да се понадеваат дека би можеле да стигнат до позитивен резултат.
Мечот почна одлично за „романтичарите“, кои за само 15 минути дојдоа до предност. Елмас уште еднаш покажа зошто важи за најталентиран играч во Првата лига откако одлично се снајде во противничкиот шеснаесетник, па со прецизен удар во спротивниот агол го отвори резултатот.
Силекс се закани преку Недељковиќ, но голманот Божиновски не дозволи да биде изненаден. „Романтичарите“ ја имаа и првата шанса во второто полувреме, кога по повратното додавање од Елмас во одлична ситуација се најде Трајчевски, но неговиот удар заврши само во гредата. Во 65. минута сепак стигнавме и до водство од 2-0, повторно во акцијата учествуваше Елмас, кој му асистираше на Кире Маркоски, а младиот голгетер ја смести топката во мрежата.
Победата беше осигурана на 16 минута до крајот, кога Дурански круниса една одлична акција на нашиот тим за водство од 3-0. Недељковиќ промаши зицер во ситуација „еден на еден“ со Божиновски, но голгетерот на Силекс сепак го постигна утешниот погодок во 87. минута. Работнички ја имаше последната шанса на натпреварот, но обидот на Филип Ивановски по центаршутот на Ерера заврши во гредата.
РАБОТНИЧКИ – СИЛЕКС 3-1 (1-0)
Стадион: Филип втори. Гледачи: 500. Стрелци: Елмас 15, Маркоски 65’, Дурански 74’ – Недељковиќ 87’. Ж. Картони: Сахити, Трајчевски (Р), Мицков, Иванов, Глигоров (С).
РАБОТНИЧКИ: Божиновски, Силјановски, Најдовски, Митрев, Херера, Дурански, Трајчевски (Ивановски 84’), Елмас, Најденов (Наумчевски 75’), С. Сахити (Е. Сахити 67’), Маркоски.
СИЛЕКС: Вујанац, Филиповски (Младеновиќ 77’), Иванов, Гуцев, Танушев, Мавров (Ацевски 65’), Глигоров, Пановски (Трајановски 70’), Тимовски, Мицков, Недељковиќ.