Ивановски: Дуелите меѓу Работнички и Вардар секогаш носат возбуда
Беше адут на Вардар во минатото, но сега го носи дресот на Работнички. Напаѓачот Филип Ивановски добро знае од какво значење се соседските дуели со Вардар, а овојпат ќе биде во ростерот што го предводи Виктор Треневски. Очекува нов дерби дуел исполнет со возбуда и квалитетен фудбал.
„Дуелите меѓу Работнички и Вардар секогаш носат возбуда и допадлив фудбал. Мотивацијата е на максимално ниво, а сега како играч на Работнички ќе го дадам максимумот за да оствариме позитивен резултат. И двете екипи имаат одличен старт на сезоната и тоа ќе му даде уште поголем шарм на претстојното дерби“, вели Филип Ивановски.
Искусниот напаѓач имаше проблеми со повредата на левото колено, но ја надмина и се врати во тимот на мечот против Силекс, играјќи во дел од второто полувреме. Проблемите се минато и сега е максимално фокусиран на натпреварот со Вардар.
„Повредата е минато, работам напорно, со максимален интензитет. Фокусирани сме сите на претстојниот натпревар со Вардар и се надеваме дека на крајот ние ќе се радуваме. Секако, имаме максимален респект за шампионот Вардар“, истакнува Ивановски.