Работнички поразен од Победа (2-1) во Битола
Работнички го забележа четвртиот првенствен пораз, откако загуби од Победа на гостувањето во Битола со 2-1. Натпреварот започна со 15 минути задоцнување поради доцнењето на амбулантно возило, а Победа поведе во 15.минута. Наумоски искористи невнимание во одбраната на нашиот тим, од слободен удар брзо го проигра Николче Шаркоски, кој успеа да ја затресе мрежата на Шишковски.
Работнички се обиде да возврати преку Филип Ивановски и Суад Сахити, како и со шутот на Елмас од десетина метри, но прилепчани заминаа на одмор со минимална предност.
Избраниците на Виктор Треневски подобро го започнаа вториот дел и тоа резултираше со одлична шанса во 50.минута. Душко Трајчевски се реши на удар и ја погоди стативата од голот на Победа. По ова, Елмас одлично го проигра Кире Маркоски, кој излезе сам пред противничкиот голман, шутираше, но Манчевски успеа да одбрани.
Во 68.минута беше досуден пенал за Победа. Садики стартуваше над Карчески во шеснаесетникот, а судијата Александар Ставрев покажа на белата точка. Благоја Гешоски успеа да го реализира пеналот за водство на домашните од 2-0.
Работнички тргна со сите сили во напад. Тоа резултираше со неколку шанси, а Бојан Најденов во 85.минута намали на 2-1. Сепак, тоа беше и конечен епилог на мечот.
По осум одиграни кола во Првата лига, Работнички се наоѓа на четвртото место на табелата со 12 освоени бода.
ПОБЕДА – РАБОТНИЧКИ 2-1 (1-0)
Стадион под „Тумбе кафе“. Гледачи: 1.000. Судија: Александар Ставрев (Скопје). Стрелци: Шаркоски 15’, Гешоски 68’ пен. (Победа), Најденов 85’ (Работнички). Ж. картони: Најдовски, Цветановски (Победа), Најденов, Елмас, Садики (Работнички).
ПОБЕДА: Манчевски, Ристески, Најдовски (70’ Илијовски), Крстески, Колевски, Илиески, Цветаноски (88’ Дунимаглоски), Карчески, Наумоски, Шаркоски (73’ Здравески), Гешоски.
РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Силјановски (88’ Кудијан), Митрев, Садики, Херера, Трајчевски, Најденов, Елмас, С. Сахити (46’ Маркоски), Е. Сахити, Ивановски